PANDA може да помогне. Јавете се за вас или за некој што го познавате.
Дали сте нов родител или очекувате бебе? Загрижени сте за начинот на кој се чувствувате?

Листа за проверка на менталното здравје
Листа за проверка на менталното здравје
Оваа листа за проверка поставува прашања кои можат да ви помогнат подобро да разберете како се чувствувате и дали би можеле да имате корист од дополнителна поддршка за вашата ментална благосостојба.
За PANDA
PANDA раководи со единствената специјализирана дежурна линија на национално ниво во Австралија за лица кои се засегнати од перинатална вознемиреност, депресија и постнатална психоза како и за лицата кои се соочуваат со предизвици кога ќе станат родители.
Ние исто така работиме на подигнување на свеста за оваа сериозна и честа болест така да засегнатите лица можат да разберат што се случува со нив и да побараат помош.
“Кога бев среде тоа, чувствував дека никогаш нема да бидам подобро. Но се чувствував подобро.”
ПРЕВЕДУВАЧИ НА РАСПОЛАГАЊЕ
PANDA има пристап до преведувачи за да им помогне на лицата кои не го зборуваат англискиот јазик или на лицата со оштетен слух или говор.
“Никој не ми кажа дека може да се случи ова, ни пред да го родам бебето!”
Кога да побарате помош
Да се биде бремена или да се стане родител може да биде возбудливо но и да носи предизвици. Природно е да имате малку тешкотии да се прилагодите на измените. Меѓутоа, кога вообичаените подеми и падови ќе се развијат во нешто посериозно и кога тоа трае две недели или повеќе, време е да побарате помош.
Перинаталната вознемиреност и депресијата се чести
Дури секоја петта бремена или нова мајка и еден од десет татковци кои очекуваат бебе или кои се нови татковци ќе искусат перинатална вознемиреност или депресија. Таа може да се јави во текот на бременоста (антенатална) или во првата година после раѓањето на бебето (постнатална). Терминот 'перинатална' се однесува и на бременоста и на првата година после раѓањето на бебето.
“Загрижен сум за мојата партнерка, но таа не сака да зборува со мене.”
Постанатална психоза
Постнаталната психоза е ретка но сериозна болест од која заболуваат една до две од секои 1000 мајки и може да биде ризична и за мајката и за бебето. Скоро секогаш мајката мора да престојува во болница. Симптомите често се јавуваат одеднаш и може да вклучуваат екстремни промени во расположението, значителни промени во однесувањето и губење контакт со реалноста.
“Јас сум најлошата мајка на светот.”
Како PANDA може да помогне
Ако очекувате бебе или сте нов родител и сте загрижени за вашата емоцијална и ментална благосостојба - или за некој што го познавате - важно е да побарате помош. Колку побрзо побарате помош, толку побрзо ќе се чувствувате подобро.
Националната дежурна линија на PANDA за перинатално ментално здравје нуди бесплатно советување и поддршка за сите нови родители и родители кои очекуваат бебе.
Нашите високо обучени и грижливи советници преку телефон ќе ве сослушаат за работите што ве загрижуваат и ќе ви помогнат да ги преземете првите чекори за закрепнување.
“Ако му кажам на некој како се чувствувам,тој/таа ќе мисли дека сум лош родител.”
Најдобро е да зборувате за тоа
Перинаталната вознемиреност и депресија се сериозни болести. Тие може да влијаат на секој нов или иден родител. Нема од што да се срамите. Во ред е да зборувате за тоа. Всушност, подобро е ако го направите тоа!
Не е знак на слабост ако им кажете на другите за вашите тешкотии или ако признаете дека ви треба помош. Со тоа покажувате дека го сакате најдоброто за себе и вашето семејство.
“Мислев дека веднаш ќе го засакам моето бебе, но одвај поднесувам да ја гледам.”
ЗНАЦИ НА ПЕРИНАТАЛНА ВОЗНЕМИРЕНОСТ И ДЕПРЕСИЈА
ЗНАЦИТЕ МОЖЕ ДА ВКЛУЧУВААТ:
- Се чувствувате тажни, депримирани или плачете без очигледна причина
- Постојано и обопштено се грижите, често фокусирајќи се на страв за здравјето или благосостојбата на вашето бебе
- Нервозни сте, напнати или испаничени
- Лесно се нервирате или лутите
- Се повлекувате од пријателите и семејството
- Имате тешкотии при спиењето, дури и кога вашето бебе спие
- Имате нагли промени во расположението
- Постојано се чувствувате уморни и немате енергија
- Имате физички симптоми, на пример, гадење, повраќање, се обливате во ладна пот, немате апетит
- Малку или воопшто не сте заинтересирани за работите кои обично ве радуваат
- Се плашите да бидете сами или со други
- Тешко ви е да се фокусирате, концентрирате или памтите
- Пиете повеќе алкохол или земате повеќе дрога
- Имате напади на паника (брзо чукање на срцето, палпитации, отежнато дишење, тресење или чувство дека сте физички издвоени од вашата околина)
- Развивате опсесисвно или компулсивно однесување
- Помислувате на смрт, самоубиство или да го повредите вашето бебе.
Исто така, постојат многу други симптоми кои не се наведени тука. Ако вие или некој близок имате симптоми или чувства кои ве загрижуваат две недели или подолго време, ве молиме побарајте помош.
“Дали сите нови родители се чувствуваат вака лошо?”
Јавете се на нашата бесплатна Национална дежурна линија за перинатално ментално здравје
Телефонирајте на 1300 726 306
од понеделник од петок, од 9 ч. наутро до 7.30 ч. навечер според австралиското источно/летно сметање на времето
Националната линија за помош на PANDA е на располагање на голем број јазици, вклучително вашиот.
Кога се јавувате на линијата за помош на PANDA, притиснете ја опцијата “1” што нѝ покажува дека ви треба преведувач.
Што се случува кога ќе биде одговорено на вашиот повик:
На повикот ќе одговори советник кој зборува англиски. Ќе треба да знаеме на кој јазик сакате да разговарате - не треба да зборувате на англиски, освен да му речете на советникот на кој јазик сакате да разговарате.
PANDA ќе организира преведувач и кога таа/тој ќе биде достапен, ќе го почнеме процесот на давање поддршка.
Ако преведувач не е достапен, ќе ви се јавиме во друго време.
Ако ви треба итна помош, јавете се на три нули (000) или на одделот за итни интервенции во локалната болница.
Ако ви треба поддршка надвор од линија за помош на PANDA, јавете се на Lifeline на 13 11 14.